Saturday, November 18, 2017

     

                                Опис на ликот на кучето Бак

    Бак е извонредно куче, со расно потекло, чија судбина го шета низ разни средини и искушенија. Прво живее како благородно куче на судија и сите го почитуваат. Но, таму води привидно слободен живот, бидејќи мора да се придржува на законите на цивилизацијата.
    Златната треска му го менува животот и станува жртва на неморални луѓе, кои го киднапираат и продаваат на Дивиот Север. Таму влече санки и робува на нехумани луѓе од кои го учи законот на стапот и забите. Животот му е исполнет со глад, студ, премор, ќотек. Во тој живот нема место за убав збор и прегратка. Секојдневната борба за преживување подразбира:  " Убиј или ќе бидеш убиен. Изеди или ќе бидеш изеден!".
    Со Џон Торнтон ја спознава вистинската љубов. Тој ја буди кај него верноста, пожртвувањето и бескрајната љубов. Џон е последната алка на Бак со цивилизацијата.
    По смртта на Џон, повикот од дивината, исконските нагони, сенките и привиденијата од предците, жедта за крв стануваат се посилни. Тој станува грабливо животно кое само се бори за својот опстанок, поради што е многу горд на себе. А сето тоа како зараза се шири низ неговото битие. Завивањето на волчјата глутница е последниот повик, по кој Бак влегува во нов живот, во дивината, во вистинската слобода, онаа наследена од предците.
    Волчјото лукавство, интелигенцијата од расното потекло, цивилизираното воспитание и искуството од разните училишта на животот низ кои мина, го прави извонредно суштество, какво што дотогаш не лутало во дивината.

No comments:

Post a Comment